Историја во најава: На „Сантијаго Бернабеу“ ќе се игра ракомет на ЕП 2028 пред 80.000 гледачи

Фудбалскиот стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, домот на Реал Мадрид, би можел да биде местото каде ќе се одигра натпреварот за отворање на Европското првенство во ракомет во 2028 година.

Ова го потврди претседателот на Ракометната федерација на Шпанија, Франсиско Беласкез.

„Сакам натпреварот за отворање да се одигра таму и се обидувам да го префрлам групниот сегмент во Мадрид за да го зголемам интересот за ракометот во главниот град. Мојот сон е да поставиме нов рекорд во посетеност. Веќе ги започнавме првите разговори со Реал Мадрид,“ изјави тој за шпанскиот весник Marca.

Стадионот „Сантијаго Бернабеу“ има капацитет од околу 80.000 гледачи. Актуелниот рекорд на посетеност за ракометен натпревар е поставен на отворањето на ЕП 2024 во Диселдорф, каде мечот го следеа 53.000 гледачи.

Европското првенство во ракомет 2028 ќе се одржи од 13 до 30 јануари 2028 година во три земји, Шпанија, Португалија и Швајцарија.