📷 Секој сака да се слика со ракометните херои

Полна сала за одлична атмосфера и полн терен после меч за прослава на новото учество на ЕП. Македонија со 26-17 ја победи Литванија и го освои второто место во групата, со што директно патуваме на ЕП.

После натпреварот теренот беше полн со „млади и стари“ кои сакаа да се сликаат со еден од ракометните херои. Се бараше дрес, фотографија, селфи… да се има спомен од мечот кој испиша нова историја.

Милан Лазаревски, Мартин Томовски, Павле Атанасиевиќ, Никола Митревски, Жарко Пешевски…. сите трпеливо ја завршија својата професионална работа. Задоволни беа и младите кои имаат нов спортски идол. Закажаа нова средба, во следните квалификации и секако на ЕП во јануари 2026 година.

Пласманот на ЕП 2026 година за Македонија е 8 по ред и 15 во низа. Почнувајќи од 2012 година на секое големо натпреварување, на ЕП и СП игра Македонија. А се почна во 1998 година со пласманот на првото ЕП за Македонија, па следната 1999 на СП во Египет. Потоа имавме пауза и во 2009 година настапивме на СП во Хрватска.