Тимот на Младост Богданци славеше убедлива победа над Овче Поле со 42-19 во 5 коло од прволигашкиот плеј-оф и ја продолжува битката за место во баражот за Супер лигата.
Домашниот тим предводен од кадетскиот репрезентативец Ѓорѓе Атанасов, кој успеа да даде 15 погодоци, уште по првиот дел ја обезбеди победата кога беше 21-10.
Вториот дел беше само формално одработување на задачата, но богданчани не попуштија во темпото и одиграа на уште повисоко ниво.
Одлична партија имаше и десниот бек Симон Мирчески, кој успеа седум пати да ја погоди мрежата на гостите од Свети Николе. Во составот на Овче Поле се истакна Стојанче Ристов со четири погодоци.
На табелата лидер е Еурофарм Пелистер 2 со 24 бода со меч помалку, „витамините“ од Автокоманда имаат 19 бода на второто место, Македонија ЃП има 17 со натпревар помалку, додека Младост Богданци е четврти со 16 бодови.