Сефте во плеј-офот: Храбриот Бутел го шокира Охрид!

Ракометарите на Бутел Скопје ја запишаа првата победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако славеа на гостувањето кај Охрид со 31-29. Иако во првиот дел имаа негатива од шест гола, сепак гостинските ракометари направија огромен камбек во мечот и успеаја да го стигнат до славје среде „Билјанини Извори“.

Охрид остана на пет бодови на четвртото место, Тиквеш е петти на табелата со три бода, додека Бутел Скопје сега има два бода и влегува во трка за повисок пласман кој ќе се брка во преостанатите четири кола.

Гостите водеа на стартот со 1-0, а потоа домашните ја преземаа контролата на теренот. Имаа домаќините и водство од шест гола во текот на првиот дел, 15-9, но дозволија упорните бутелци да ја преполоват разликата.

Момците на Горан Кузманоски стгинаа до 15-12, a на пауза се замина со 17-14. Со стартот на второто полувреме гостите заиграа уште подобро. Стојаноски влезе во серија, Блажески одбрани пенал, и Бутел стигна до егал, 20-20.

Охриѓани во продолжение тешко доаѓаа до позиција за погодок, и мечот влезе во резултатска клацкалка, во која бутелци се снаоѓаа одлично. Милошески и Субашевски за првпат на гостите има донесоа плус три, 27-24.

Кога остануваа уште осум минути за игра, домашниот тренер Стевче Алушовски побара тајм-аут да ги смири своите избраници, но по одбраната на Стојаноски на шутот на Цирар, Бутел казни и отиде на плус четири, 28-24.

Охрид успеа со серија голови да намали на гол негатива, 28-27, одново Стојаноски беше на висина на задачата и не дозволи домашните да направат комплетен камбек. Михајловиќ и Узунчев беа прецизини на спротивната страна за 30-27 и немаше повеќе време за домашните да направат нешто повеќе.

Одличен на голот беше искусниот Стојаноски, а предводници на нападот на Бутел Скопје беа триото бекови – Милошевски и Узунчев Димитар имаа по седум гола, а Ѓеоргиевски даде шест. Во составот на Охрид, Цирар имаше седум реализации.

Во следното коло по репрезентативната пауза, Охрид ќе му гостува на шампионот Еурофарм Пелистер, додека Бутел Скопје оди на гости кај Вардар.