Монпелје со триумф се враќа од Порто, Лимож извлече реми со Кил

Француски Монпелје се израдува на гостинска победа кај Порто со 30-29 и се наоѓа чекор поблиску до пласман на завршниот турнир во Лигата на Европа.

Дос Сантос со осум, како и дуото Скубе и Карлсон со по пет гола, беа творците на триумфот во Португалија.

Домаќините иако беа во негатива од три гола во финишот, сепак успеаја поразот да го направат минимален. Валдес даде шест погодоци за Порто, а голманот Рема имаше 12 одбрани.

Кил одигра реми на гостувањето кај Лимож, 26-26, иако губеше со пет погодоци во првиот дел, сепак направи голем камбек во вториот, успеа и да поведе, но домашните стигнаа до реми.

Елдера од пенал ги постави конечните 26-26, а Дувњак промаши во последниот обид на „зебрите“ да стигнат до победа во Франција. Најдобри стрелци кај Лимож беа Елдера со шест и Јусуф со четири гола, а кај Кил се истакнаа Мадсен и Имре со по пет гола.