Не дадоа изјави пред и по натпревар – ЕХФ ги казни!

Ракометниот Суд на Европската ракометна федерација донесе одлуки за казни за четири клуба кои настапуваа во европските купови оваа сезона, како и за суспензија за еден ракометар.

Германскиот Лудвигсбург ќе мора да плати 5.000 евра затоа што не доставил изјави пред и по натпреварите од Лигата на шампионите дури девет пати меѓу 12 јануари и 23 февруари.

Швајцарскиот Криенс Луцерн ќе треба да плати 2.000 евра поради тоа што не доставил фотографии од четири натпревари од Лигата на Европа.

Францускиот Брест Бретањ доби казна од 8.000 евра поради тоа што на реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Подравка, на подот во салата немало залепени стикери од спонзорите на ЕХФ.

Германскиот тим Борусија Дортмунд е казнет со 10.000 евра, поради тоа што имало неовластено емитување на реклами на дисплеите покрај теренот на мечот против норвешката Сола од Лигата на Европа.

Суспензија од два натпревари доби украинскиот репрезентативец Андриј Акименко, кој на мечот од квалификациите за пласман на ЕП 2026 против Косово заработи директен црвен картон.

ЕХФ процени дека се работи за неспортски потег и затоа Акименко ќе биде на „ладење“ два меча и ќе ги пропушти клучните средби на Украина против Фарски Острови и Холандија за пласман на ЕП 2026.