Традиционалниот, деветти по ред, меѓународен ракометен турнир „Bijeljina Handball Cup 2025“ ќе се одржи од 15 до 17 август оваа година, во организација на Ракометниот клуб Бијељина. Организаторите веќе сега можат да бидат повеќе од задоволни, бидејќи за годинашното издание на овој фестивал на ракометната младина се пријавиле голем број тимови од 11 држави.
Морам да истакнам дека во моментов имаме повеќе од 40 пријавени екипи кои доаѓаат од 11 држави. Ќе има екипи од Австрија, Унгарија, Бугарија, Романија, Србија, Словенија, Северна Македонија, Црна Гора, Република Српска, Хрватска, БиХ и многу други. Со гордост можеме да истакнеме дека ќе ни гостуваат над 1.300 млади ракометари и ракометарки – изјави директорот на турнирот, Обренко Миљковиќ.
Вредните и посветени спортски работници од ракометениот клуб Бијељина — Обренко Миљковиќ и Богдан Ранкиќ — навремено започнаа со подготовките за овој најголем турнир на ракометната младина кој се одржува на територијата на Република Српска, БиХ, но и пошироко.
Ништо не сакаме да оставиме на случајност и токму затоа навремено започнавме со подготовките за да го пречекаме турнирот целосно подготвени. За организацијата на претходните турнири добивме многубројни пофалби од нашите спортски пријатели кои беа дел од овој настан и веруваме дека така ќе биде и овој пат – истакна Богдан Ранкиќ, претседател на клубот од Семберија.
На годинашниот фестивал на ракометната младина ќе настапат момчиња и девојчиња родени 2008, 2010, 2012 и 2013 година. Како и претходните години, сите натпревари ќе се одиграат во салата на Гимназијата во Бијељина, во Етно село Станишиќи, а од оваа година и во салата на ОУ „Вук Караџиќ“. Се очекува во Бијељина за време на турнирот да пристигнат бројни гости од светот на ракометот, како што беше случај и претходно.
Дополнително, вреди да се спомене дека минатата година промотори на турнирот беа поранешните врвни и успешни српски ракометари Недељко Јовановиќ и Иван Лапчевиќ, како и некогашната ракометна кралица Љиљана Кнежевиќ.