Стојаноски: Знаеме колку е тешко да се игра во Кавадарци, но ние одиме по бодови

Тимот на Бутел Скопје по двете средби со Охрид и Вардар, ја очекува третата пресметка во суперлигашкиот плеј-оф.

Голманот Александар Стојаноски, кој порано бранеше во Кавадарци, знае колку тежок натпревар ги очекува против Тиквеш.

„Имаме тешко гостување во Кавадарци каде еднаш сезонава победивме. Тогаш влеговме самоуверени и максимално спремни, сега сиурно ќе биде далеку потешко, но ние одиме на победа“, вели Стојаноски.

Чуварот на мрежата ќе настапи против својот поранешен клуб.

„Секако дека секоја натпревар ми е мотив плус да се покажам и помогнам на мојата екипа. Тиквеш во моментот ни е ривал и максимално сум спремен да дадам свој придонес во екипата. Бев дел од екипата на Тиквеш и навистина е тешко да се игра пред нивната публика која им е осми играч. Кавадарчани кога играат дома секогаш се фаворити, но ние се подготвуваме добро и одиме по бодови“, продолжи Стојаноски.

Бутел Скопје ја оствари својата цел со пласманот во плеј-офот и секој бод повеќе во разигрувањето за титулата ќе биде голем плус за младата екипа на Горан Кузманоски.

„Екипата расте од ден во ден, се работи напорно можам да кажам дека има голем напредок во играта и развивањето на поголем дел од играчите. Планираното е остварено со пласманот во плеј-оф, но играчите и тренерите се желни за нешто повеке затоа што знаеме колкав квалитет имаме во екипата“, заврши Стојаноски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел Скопје е закажан за в недела во салата „Јасмин“ со почеток во 18:00 часот.