Тимовите на Јехона и Овче Поле со реми во драматичен натпревар, 28-28, го завршија регуларниот дел од сезоната во Првата лига и го прославија влезот во плеј-офот.
Гостите од Свети Николе може да жалат што останаа без победа, бидејќи во текот на мечот водеа и со пет гола, 16-11, но во финишот упорните домаќини успеаја да се вратат во егал.
Имаше остри стартови во вториот дел, па во домашниот тим црвени картони по три исклучувања добија Јованоски и Тасески, додека Маринковски доби директен црвен картон. Овче Поле остана без Сентовски во финишот, кој исто така мораше на трибините по три исклучувања.
Овче Поле преку Стаменков на стартот на последната минута дојде до плус два, 28-26, но Салиу и Михајловски во последната секунда се погрижија за реми. На крајот двете екипи си поделија по бод.
Стојанче Ристов даде 12 гола за Овче Поле, а Иван Димчевски постигна осум. Во составот на Јехона, искусниот Адис Салиу имаше десет реализации.
Во Струмица, пак, иимот на Астраион пружи голем отпор, но на крајот сепак загуби од „витамините“ од Автокоманда со 24-20 во последниот натпревар од регуларниот дел од Првата лига.
Струмичани имаа реми 8-8 во финишот на првиот дел, но гостите преку Богоевски и Лешниковски стигнаа до плус два, 10-8. Во вториот дел тимот од Автокоманда се одлепи на плус пет, 16-11, па иако Астраион стигна во еден момент и на минус два, сепак немаше сили за нешто повеќе.
Најдобри стрелци кај победникот беа Петрески и Лешниковски со по пет гола, а кај струмичкиот состав се истакна Георгиев со шест погодоци.