Амбициозниот Охрид откако продолжи договори со петмина ракометари од актуелниот играчки кадар, веќе активно работи и на засилувањата за наредната сезона во која посакува да игра уште поважна улога.
Охриѓани посакуваат да го вратат во своите редови десниот бек Михаил Иваноски, кој игра во одлична форма во српскиот тим Дубочица Лесковац. Иваноски е позајмен во Србија од „сино-белите“ од Автокоманда, со кои има активен договор.
Десниот бек потекнува од Охрид, а откако се пресели во Скопје играше за Голден Арт, како и за „витамините“ од Автокоманда. Не добиваше голема шанса, па од стартот на оваа сезона е дел од Дубочица каде стана еден од главните играчи.
Оваа сезона во Охрид на десната бековска позиција играат Никола Јукиќ и Чиао Винисуис, а од лето во клубот треба да се врати и Никола Шипинкоски. Со охриѓани се поврзуваат двајца квалитетни странски ракометари – средниот бек Тилен Стрмљан и десниот бек Предраг Вејин.
Соработката со „гладијаторите“ ја продолжија Гоце Ојлески, Теимураз Орјонокидзе, Даниел Ѓорѓески, Наум Костов и Дејан Кукуловски. За следната сезона валиден договор со клубот имаат и капитенот Тасески, Чаневски, Јотиќ, Цирар, Бојаниќ, Шипинкоски и Ристески.