Словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте е меѓу најголемите желби на амбициозниот Слован Љубљана, пишува „Handballia“.
Членот на Еурофарм Пелистер има договор со битолскиот клуб до крајот на оваа сезона, откако лани ја продолжи соработката до јуни 2025.
Во моментов на десната бековска позиција во Слован Љубљана игра Јуре Доленец, но тој многу веројатно ќе ја заврши кариерата и ќе стане спортски директор на словенечкиот клуб.
Затоа тренерот Урош Зорман го посакува Цехте и би можел да реши важна позиција во тимот кој посакува титула во Словенија и место во европските купови.
Цехте, кој во моментов е повреден, дојде во 2023 во Битола и беше меѓу најдобрите во минатата сезона кога Еурофарм Пелистер ја освои титулата. Десниот бек пред да го облече дресот на битолчани играше за Горење, Хановер и ГОГ Гудме.
Слован Љубљана го посакуваше и средниот бек Домен Тајник, но тој не ја прифати понудата од татковината и ќе остане во Битола и наредната сезона.