Македонската младинска репрезентација ќе има две контроли на мини турнирот во Полска во претстојната недела.
Селекторот Раде Стојановиќ на списокот кој го објави нема шестмина ракометари што играа ЕП во Словенија минатото лето.
Квартетот Галевски, Петковски, Карасманакис и Митев е со сениорската репрезентација, па шанса ќе добијат неколку нови ракометари. Нема да играат ниту повредените средни бекови Томислав Димковски и Славчо Шулески.
Меѓу познатите имиња тука се десниот бек Кристијан Стаменковиќ и Андреј Глигоров, кои беа во потесниот круг за настап на ЕП, а Стојановиќ ќе смета и на левото крило Давид Трајкоски, средниот бек Ѓорѓе Ѓуриќ и голманот на кадетската репрезентација, Ѓорѓи Николовски.
Во градот Олецко, на 13 март ќе играат Полска и Македонија, на 14 март е пресметката меѓу нашата селекција и Алжир, додека на 15 ќе играат домаќинот и африканската репрезентација.
Овие два меча се дел од подготовките за настапот на Мундијалот во Полска во јуни, а таму Македонија ќе игра против Исланд, Романија и Фарски Острови во прелиминарната фаза.
Стојановиќ објави список – еве кои 17 младинци ги повика за претстојната ЕХФ недела