Женската репрезентација на Македонија ја очекува двомеч против Србија во рамките на претстојната ЕХФ недела, а селекторот Кристијан Грчевски нема да смета на две ракометарки од првично најавениот состав.
Од комбинација поради повреда отпадна кружниот напаѓач Ивана Џатевска, која го пропушти последниот натпревар на нејзиниот Сомбатељ против Ѓер во унгарскиот шампионат.
Против Србија нема да игра ниту Габриела Величковска, па Грчевски веќе ја повика Теодора Гулицоска, која игра во одлична форма за Чаир, а дополнително ќе биде познато дали ќе има нова ракометарка на пивотменската позиција.
Сара Ристовска исто така поради мала повреда не го доигра последниот меч на нејзиниот Рапид Букурешт против Будуќност во Лигата на шампионите, додека останатите ракометарки би требало да бидат спремни за Србија, која ќе биде во засилен состав.
Натпреврите против Србинките ќе се играат во градот Бор на 7 и 8 март, а тие ќе бидат главна подготовка за бараж двомечот против Полска за пласман на Мундијалот во Германија и Холандија.