Скандалозната случка на натпревар од женската младинска лига во Шпанија во минатиот декември, откако дедо на еден од судиите беше сериозно повреден по нападот од татко на една од ракометарките, имаше трагичен крај.
68-годишниот Андрес Рико почина по повредените нанесени за времето на натпреварот меѓу Санксенксо и Расоеиро. Конфликтот се случил на трибината на која биле присутни роднини и родителите на ракометарките, но и роднини на арбитрите. Таткото на една од ракометарките го критикувал еден од арбитрите за неколку одлуки, а дедото на судијата кој бил на трибините побарал повеќе почит за неговиот внук.
Тогаш таткото го нападнал дедото на судијата, а според пишувањата на „Марка“ дедото завршил во болница облеан во крв и со тешки телесни повреди.
Шпанската федерација објави дека сите натпревари од сите конкуренции во домашните шампионати ќе започнат со минута молчење, како поддршка во борбата против насилството на ракометните терени.
Напаѓачот во декември се соочи со забрана за посета на спортски натпревари од две до пет години, како и евентуална парична казна, чиј најмал износ може да биде 60.000 евра, но поради тоа што настанот имаше трагичен крај, допрва ќе бидат познати казните.
Скандал во Шпанија – дедо на судија претепан од татко на ракометарка!