Лазаров загуби во Битола – ама си „ќари“ репрезентативец

За следната сезона уште еден играч од македонската репрезентација се согласи да премине во Автокоманда, а овојпат „сините“ купуваа во Битола, и тоа леворак играч, создавајќи братски тандем.

Актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер покажа моќ, доминација и го преслуша победникот на Купот и Супер купот, триумфирајќи со 33-20 на дуелот во Битола. Тренерот на гостите, Кирил Лазаров кој истовремено е и селектор на сениорската репрезентација, иако ги загуби бодовите, од Битола се враќа со „голем плен“, со договор во џеб со играч – репрезентативец кој досега беше дел од Еурофарм Пелистер.

Според информациите на 24Ракомет, летово од Битола во Скопје треба да се пресели Ненад Костески, десното крило на битолчани. Тој се согласил со понудените услови од селекторот и клубот на претседателот на РФМ, и покрај добрите финанансиски услови, ќе биде со колегите соиграчи во репрезентацијата.

Неговото официјално промовирање веројатно ќе биде на крајот од сезоната или пред почетокот, а во меѓувреме Костески ќе треба да го одработи договорот со „зелените“ и да се бори за титулата во Супер лигата и трофејот во Купот на Македонија. Битолчани имаат шанса и да играат во осминафиналето во Лига на шампионите.

Од Битола ни потврдија дека Костески ги информирал дека нема да го продолжи договорот, и дека ќе си замине летово. Сегашниот клуб му понудил нов договор, но тој ги информирал дека нема да остане во Битола.

Не потврдил каде заминува. Соиграчите на Костески пак тврдат дека тој заминува во Автокоманда, каде треба да му се придружи на братот, Никола, кој сезонава дојде таму и сега ќе ја делат десната крилна позиција на теренот. На истото место игра и трет репрезентативец – Александар Петковски, па Лазаров ќе биде на „слатки маки“ кој од тројцата да игра.

Уште за време на СП во Хрватска каде Македонија настапуваше и го освои 15. место, се обидувавме да ја провериме веста за трансферот на Костески, но тогаш и луѓето од клубот од Автокоманда кои се дел од менаџментот на репрезентацијата само потврдија дека има заинтересираност за трансфер, но не и договор.

Во Автокоманда се собраа речиси сите играчи кои играат во репрезентацијата, или се на прагот за влегување, и тоа откако се формираше клубот, а Лазаров беше тренер и селектор. Лани од Битола во Автокоманда дојде голманот Марко Кизиќ.

Покрај овој трансфер, има најава за ново преминување од Еурофарм Пелстер во клубот на селекторот и претседателот во заминување на РФМ.