Николоски со „десетка“ го водеше Младост до врвот, Овче Поле без сили во Автокоманда

Тимот на Младост Богданци славеше на гостински терен кај Текстилец во Штип со 40-32, што беше доволно да го запоседне врвот на табелата во групата Б од прволигашката конкуренција.

Амбициозниот состав од Богданци сега има 19 бода на првото место, додека Текстилец останува на четири бода на претпоследното место и ќе игра во плеј-аутот. Покрај Младост, и Македонија ЃП има 19 бода, но и меч повеќе, Скопје има 18, додека Драчево останува на 17 бода, но и меч помалку, па може да се создаде гужва на врвот.

Предводник на тимот на Младост беше младинскиот репрезентативец Антонио Николоски со десет гола, а по пет пати погодија Ѓорѓе Атанасов и Стојанчо Наумовски. Иако гостите останаа без Борјан Цековски, кој доби црвен картон во средината на вториот дел, сепак тоа не беше проблем да се запише триумф.

Штипјани, пак, одлично парираа на поискусниот ривал, имаа и минус еден на стартот на вториот дел, 19-18, но тука како да застанаа. Младост отиде на плус седум, 26-19 и тука беше крајот на надежите на домашните за позитивен резултат.

Вреди да се издвои партијата на Јован Атанасовски, кој постигна 18 голови, а шест за Текстилец даде Филип Џинес.

„Витамините“ од Автокоманда ја забележаа осмата прволигашка победа, откако убедливо го совладаа составот на Овче Поле со 38-25. Предводници во тимот на Миле Бочкаровски беа Бобан Поповски, Христијан Ѓурмешевиќ и Марко Каркалашев со по шест гола, а 12 погодоци за тимот од Свети Николе постигна Кристијан Стаменков.