По пауза од шест години, градот Куманово повторно би требало да биде организатор на завршните турнири во Купот на Македонија, дознава 24Ракомет. Последен пат Ф4 се играше во Куманово во 2019, потоа во 2020 беше откажан поради ковид пандемијата, а во следните четири години два пати се играше во Скопје, како и во Кавадарци и во Охрид.
Во Куманово е реновирана спортската сала, која наскоро треба да биде пуштена во употреба, а би било убаво ако тоа биде со голем настан како Ф4 во Купот.
Се уште не се прецизирани термините за Ф4 во двете конкуренции, но би требало тоа да биде од 15 до 17 мај.
Кај дамите познати се четири учесници што ќе се борат за трофејот – Металург Автокоманда, Чаир, Вардар, како и бранителот Ѓорче Петров.
Кај мажите допрва треба да биде одиграно елиминациското коло на 29 март, а потоа на 20 и 21 април ќе се игра групната фаза по која ќе бидат познати екипите што ќе се борат за трофеј.