Македонија со поразот од Франција го заврши настапот на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка, а со тоа го освои 15 место.
Голманот Никола Митревски беше одличен на ова првенство и на крајот се заблагодари за поддршката од сите навивачи.
„Минавме две седмици тука со голема поддршка. Во првата фаза беше неверојатно со 3.000 Македонци во Вараждин. Сите од националниот тим сакаме да кажеме едно големо благодарам до сите кои беа тука и ни дадоа поддршка. Мислам дека одработевме добра работа и одигравме добар турнир. Ова може да биде добра стартна точка за иднината“, вели Митревски.
Тој смета дека Македонија може да парира на сите селекции, но Франција и Данска се посебна приказна.
„Доколку не беше Франција или Данска, против секој друг ривал би можеле да имаме поголеми шанси. Знаеме дека во овој момент овие две селекции се главни претенденти за светската круна. Иако Французите немаа императив за победа, никогаш не се опуштаат. Трчаа, се бореа, без разлика што веќе беа први. Одигравме солиден натпревар, видовме и сами сите ние дека секоја наша грешка ја користеа во транзиција и полуконтра. Тоа треба да го сфатиме како лекција за во иднина. Можеби малку го подигнавме нивото, фалеа некои детали за бидеме четвртфиналисти. Ако ги добиевме двата натпревари кои завршија нерешено, вечерва ќе игравме за прво место со Франција. Тоа е тоа што ние треба да го направиме како нација, да веруваме во себе, затоа што видовме дека можеме против секого“, заврши Митревски.