Екипата на Дубочица Лесковац го освои петто место на 54. издание на Струшкиот турнир откако го совлада Бутел Скопје со резултат 31-29 (17-17). Скопскиот тим настапи без Чаневски и Бојан Спасовски кој заработи повреда на натпреварот против Прилеп. Младите ракометари на Бутел имаа мотив и желба, а во отворена игра со пријателски предзнак дојде до првата победа на отвореното ракометно игралиште „Горан Попоски Бабец“
Составот предводен од Стојанче Стоилов имаше активен резултат, но контролата над играта во првиот дел беше на страната на гостите од Србија. Сепак резултатски ниту еднаш не се одлепи ниту една од екипите со повеќе од два гола. Иницијативата на Дубочица не беше доволна да заминат со предност на пауза. Првото полувреме заврши со резултат 17-17, одраз на играта и состојбата на теренот.
Како што заврши првото полувреме, така продолжи и вториот дел со игра гол за гол, а двете екипи се менуваа со водство од по еден гол разлика. Трсунов кој влезе на голот на Бутел, фати пенал , потоа и зицер, па македонскиот тим пропушти прилики да се одлепи на плус при 25-24.
Дубочица казни на спротивната страна за 26-26, потоа Каевски промаши пенал и уште еден шут, па српскиот претстсавник на крајот успеа да стигне до плус два и да ја задржи предноста до самиот крај за конечен триумф со 31-29. Девет гола за Бутел Скопје даде Марко Каевски, а исто толку имаше и Горан Ристовиќ за Дубочица Лесковац.
Од 18:30 часот е дуелот за третото место меѓу екипите на Струга и Прилеп, додека од 20:30 часот е финалето меѓу Охрид и Вардар.

























