Данската кампања против македонските навивачи по тензичниот натпревар против Холандија со данска арбитража, продолжува во текот на целиот ден, а таму предничат ТВ2 и нејзините стручни коментатори.
Некогашниот ракометар Даниел Свенсон, сега во улога на стручен коментатор на ТВ2 потенцира дека на македонските фанови треба да им биде забранет влез во сала на следните натпревари ако биде потребно.
„Сериозно и големо предупредување треба да се упати кон Ракометната федерација на Македонија. Ако ова се случи уште еднаш, тогаш на македонските фанови треба да им се забрани да присуствуваат на натпреварите до крајот на првенството. ИХФ треба јасно и гласно да им порача дека ако повторно бидат фрлани предмети на теренот, тогаш нема да има место за фановите во сала“, напиша Свенсон во својата анализа.
За Македонија останува да го одигра дуелот со Гвинеја на кој треба да се верификува пласманот во главната рунда.