Привремениот селектор на Србија, Далибор Чутура, го објави конечниот список за настапот на силниот турнир „Трофеј Карпати“, како и за двата пријателски натпревари со Унгарија.
Како што е познато, нашиот северен сосед нема да учествува на Мундијалот во јануари, па така „орлите“ оваа пауза ќе ја искористат за тестирање на силите, а Чутура одлучи шанса да им даде на многу млади ракометари.
На скратениот список се најде и екс ракометарот на Вардар, средниот бек Андреј Добрковиќ, кој одлучи во иднина да настапува за Србија. Младиот ракометар на репрезентативно ниво беше дел од кадетската и младинска репрезентација на Црна Гора.
Меѓу 20-те ракометари тука е актуелниот член на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш, потоа ракометарот со најголемо репрезентативно искуство Вања Илиќ, кружниот напаѓач на Веспрем, Драган Пешмалбек…
Чутура ќе може да смета на дузина млади ракометари како Лука Роган, Лео Фејеш, Матија Додиќ, Симо Шијан, Урош Којадиновиќ, споменатиот Андреј Добрковиќ, Давид Кнежевиќ…
Репрезентацијата на Србија во периодот од 2 до 6 јануари ќе настапи на силниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија, а на 8 и 10 јануари ќе тестира против Унгарија.
Нашиот северен сосед токму со Чутура ќе ги доврши квалификациите за пласман на Европското првенство 2026, кое ќе се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.