Соединетите Американски Држави ќе бидат дел по осми пат од Светското првенство, а како и за минатиот Мундијал, така и сега бараат играчи на оглас.
Основата на тимот ќе биде истата од минатото СП, но селекторот Роберт Хедин посакуваше да го прошири ростерот со играчи што настапуваат низ Европа, а имаат двојни државјанства, односно и американски пасоши.
Огласот беше отворен до средината на ноември, но според тоа што го има на поширокиот список на Хедин, нема многу нови имиња.
На списокот од 28 ракометари има само двајца од американски клубови, меѓу кои и капитенот Ендрју Донлин од Сан Франциско. Тука се искусните Фофана од францускиот Вилербан, браќата Хутер од германскиот Баер Дормаген, пивотот Домагој Сршен од хрватскиот Метковиќ, а има играчи од унгарските Ѓер, Ференцварош, Татабања…
САД ќе ги игра натпреварите во Осло, а ќе биде во група со домаќинот Норвешка, Бразил и Португалија.