Ракометарите на Охрид забележаа трета победа во низа во Супер лигата, откако славеа над Прилеп со десет гола разлика, 38-28.
Гостите успеваа да парираат во поголем дел од првото полувреме, водеа во неколку наврати со по два гола разлика, но како одминуваше времето така работите си доаѓаа на свое место.
Капитенот на Охрид, Иван Тасевски, ги истакна импресиите по новите освоени два бода.
,,Прилеп воопшто не е лоша екипа, опуштено влеговме во натпреварот, во вториот дел се консолидиравме, ги намаливме техничките грешки, ја подобривме реализацијата, ја зацврстивме одбраната, направивме солидна предност и до крај успеавме да ја одржиме”, изјави Тасевкси.
Помошниот тренер на Прилеп, Методија Петлески, го коментираше денешниот пораз и истакна дека Прилеп може да дојде до пласман во плеј-оф фазата.
,,Одигравме одлично во првото полувреме, во два правци, добро одиграа нашите ракометари, беа борбени, но некако ни падна концентрацијата во финишот од првиот дел кога Охрид дојде до предност и до самиот крај ја сочува. Ние моравме да продолжиме, да покажеме добра игра, секако дека Охрид е поискусна екипа, има поголем ростер, но ние веруваме во нашите играчи и без разлика што се случи денеска, ние продолжуваме кон посакуцаните цели. Мислиме дека ќе влеземе во плеј-офот, тоа ни е целта, но го чекаме исходот и од другите натпревари, до крај ќе се бориме да се пласираме во плеј-офот”, изјави Петлески.
Охриѓани во следното, 15. коло ќе му гостуваат на Тиквеш, додека Прилеп ќе биде домаќин на тимот од Автокоманда.