Македонија во Дебрецин го игра второто Европско првенство за жени во низа. По подолг период, изборено преку квалификациски натпревари и заслужено пласирани меѓу најдобрите 24 репрезентации. По втор пат во две години македонското знаме се вее во Феникс арената, откако во 2022 година и машката национална репрезентација настапи на Европско првенство во истата сала. Сега работите се променети, условите подобри, но атмосферата и поддршката поразлични.
Ако пред две години со сите ковид мерки и правила, Фалангата дојде во сериозна бројка да и даде поддршка на македонската репрезентација, денес само дел од најблиските на македонските ракометарки пристигнаа во Дебрецин и тие се најголемата поддршка за нашите девојки од трибините.
Токму тие се најинтересни за етаблираните фоторепортери кои го покриваат овој настан, а едно малечко девојче обвиткано со македонско знаме го привлече вниманието и на објективот на ЕХФ.
Се работи за внуката на Јована Саздовска која живее во САД и за ова првенство со семејството дојдоа специјално да и дадат поддршка на Македонија, а особено на тета Јована. Во САД ракометот сè уште е на спортските маргини, но во Македонија е на добар пат да го врати стариот сјај.
„Таа е најмалиот ракометен фан, а моја најголема поддршка.“ ни потенцираше Саздовска на вчерашната средба.
Специјална поддршка за нашето лево крило Јована Саздовска се родителите и нејзиниот брат со семејството кој специјално допатува од САД за ова Европско и тука се од самиот почеток на првенството.
Тие ми се сè во животот најголемата поддршка во животот. вели Саздовска за поддршката од родителите и најблиските.
Нема македонска фан зона, нема собиралиште за сите навивачи пред дуелите на Македонија, но има божиќна атмосфера, греено вино, колачи и разни божиќни тезги на главниот плоштад каде случајно или договорени можете да ги видите сите ракометарки и службени лица кои се тука во Дебрецен.
Во отсуство на „Фалангата“, на трибините меѓу роднините и пријателите на нашите репрезентативки, можевме да препознаеме само едно познато навивачко лице-Кипре. Кој знае ако падне некоја џомба-репрезентација можеби ќе се појават нови војсководци и ќе го вратат шармот на женскиот ракомет и на трибините.