Еден од дебитантите на Европското првенство 2024, репрезентацијата на Фарски Острови, одигра реми против Хрватска, 17:17, и се израдува на првиот бод во својот дебитански настап.
Иако пред натпреварот Хрватска важеше за фаворит, сепак, репрезентативките на островската земја покажаа дека имаат голем напредок и дека воопшто не се за потценување.
Избраничките на Ивица Обрван мака мачеа против дебитантот, никако не можеа да заиграат според посакуваното, имаа само добар почеток, потоа во најголемиот дел се играше гол за гол.
На полувреме резултатот беше 9:8 за „коцкестите“, а во второто полувреме продолжи големата борба, во која двете репрезентации имаа шанса да победат, но по 60 минути игра беше 17:17.
Фарски Острови во последното коло од групната фаза ќе играат против Данска, додека Хрватска оди на мегдан со домаќинот Швајцарија.