Николовски броеше до 12 против Јехона, Македонија ЃП победнички против Партизан Гевгелија

Тимот на Металург РА забележа победа на гостувањето кај Јехона со 35-29 во натпревар од 11 коло во прволигашката конкуренција.

Сега тимот од Автокоманда се зацврсти на третото место на табелата со 12 бодови и практично го потврди местото во плеј-офот.

Триото Коста Николовски (12), Бојан Поповски (10) и Филип Петровски (9) дадоа 31 гол од вкупниот број голови на Металург РА, додека кај гостиварскиот тим се истакна Адис Салиу со 10 погодоци.

Македонија Ѓорче Петров ја запиша седмата прволигашка победа, откако славеше против Партизан Гевгелија со 40-29.

Сега „дробилицата“ од Ѓорче Петров има 15 бодови и се вмеша во борбата за врвот на табелата во групата Б со Младост Богданци и Скопје.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Никола Иванов и Стефан Терзиевски со по седум голови, додека исто толку даде искусниот Горан Лисичков од Партизан.