ЕХФ за Младеновска: Таа е најголемиот македонски талент во последната деценија

До почетокот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Унгарија, Швајцарија и Австрија, преостануваат уште седум дена.

Меѓу 24-те учеснички на Европското првенство ќе биде и Македонија, која во Дебрецин ќе игра во група со Шведска, Унгарија и Турција.

Европските првенства секогаш биле отскочна даска за младите таленти, а ЕХФ пред стартот на континенталниот собир ги издвои најголемите седум таленти кои ќе настапат на континенталниот собир.

Една од нив е репрезентативката на Македонија, 17-годишната Ива Младеновска. Екс ракометарката на Металург, моментално, настапува за францускиот Брест Бретањ.

За големата надеж на македонскиот ракомет ова ќе биде второ учество на едно големо натпреварување, првото го имаше на Европското првенство 2022, на кое Македонија беше еден од ко-организаторите.

,,Десниот бек Младеновска иако има само 17 години, сепак, ќе се радува на своето второ учество на Европското првенство, откако во 2022 на само 15 години го имаше дебитанскиот настап. Не е за изненадување што таа беше дел од Европското првенство 2022, бидејќи Младеновска важи за еден од најголемите таленти откриени во македонскиот ракомет во последната деценија”, пишува ЕХФ.

Освен Младеновска, ЕХФ ги издвои и Јана Мутин (Фарски Острови), Миа Еменегер (Швајцарија), Виола Лехтер (Германија), Лусијана Ребело (Португлија), Петра Симон (Унгарија) и Лена Грандво (Франција).