Најдобриот стрелец од СП во Македонија ќе биде скриен адут на Црна Гора

Најдобриот стрелец од Светското младинско првенство во Македонија, Јелена Вукчевиќ, која е еден од најголемите таленти во светот, би требало да добие голема минутажа на претстојното Европско првенство, кое ќе започне за десет дена.

Една од поискусните репрезентативки на Црна Гора, Јелена Радивојевиќ, нема да настапи на континенталниот собир од приватни причини, па така селекторот Лазовиќ на десната бековска позиција ќе ги има на располагање Ѓурѓина Маловиќ, Катарина Џаферовиќ, Тања Ивановиќ и Јелена Вукчевиќ.

Токму 19-годишната Вукчевиќ игра во одлична форма во Лигата на шампионите, во досегашниот тек од сезоната има постигнато 42 гола и многу веројатно е дека ќе добие поголема предност пред останатите три десни бека.

Талентираната ракометарка на Светското младинско првенство во Македонија го понесе епитетот најдобар стрелец, откако младинскиот Мундијал го заврши со 74 гола.

Црна Гора во групната фаза на ЕП за ривали ги има репрезентациите на Србија, Романија и Чешка. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.