Ракометарите на Охрид ја запишаа четвртата победа во низа, откако на домашен терен неочекувано лесно го победија составот на Тиквеш со 40-20.
Тренерот Стевче Алушовски вели дека најголемата заслуга ја имаат неговите играчи, кои одработиле се што било договорено.
„Да им честитам на моите играчи, кои одработија се што се договоривме пред мечот. Да бидам искрен, не очекував вака висока победа, сепак ова е дерби, а Тиквеш е квалитетна екипа и покажа минатите сезони дека знае да игра ракомет. Знаевме дека се во лош моментум, знаевме дека играа во силен ритам минатиот период, играа среда и сабота, немаа добра атмосфера по елиминацијата од Драма и пробавме и сакавме тоа да го искористиме. Пак ќе кажам, најголемата заслуга е на моите играчи, кои одработија тоа што го работевме минатата недела. Тие се во моментов без првиот тренер, но тоа не ја намалува победата на моите играчи. Презадоволен сум, но пред нас се најважните натпревари, главниот дел од сезоната тек ни претстои, но оваа победа ќе ни ја подигне уште повее атмосферата, ќе не мотивира уште повеќе да работиме и да видиме дека сме на добар пат“, вели Алушовски.
Тој го потврди доаѓањето на Ловро Јотиќ во Охрид.
„Мислам дека и со доаѓањето на Јотиќ, Охрид ќе биде уште посилен. Тој ќе биде дел од нашиот клуб и ќе го користиме на следните натпревари. Имаме уште еден странец повеќе, но на нив е да работат, да докажат, кој ќе заслужи, тој ќе игра“, продолжи Алушовски.
Стратегот на Охрид вели дека Тиквеш не смее да се отпише од борбата за врвот.
„Ние имавме свој ден, тие немаа свој ден. Менуваа тренер на почетокот на сезоната, го почитувам исклучително Грчевски, кој нема време да наметне свој ритам и да работи со екипата тактички. Сезоната досега им беше среда-сабота и нема време да се работи тактички. Ова воопто не треба да не залажува дека Тиквеш е отпишан од борбата за врвот, тие допрва ќе се дигаат. Напротив, треба да ни биде овој меч мотивација уште повеќе и на прав пат сме да направиме еден добар резултат“, заврши Алушовски.
Следен предизвик за Охрид ќе биде езерското дерби против Струга, додека Тиквеш ќе биде на тежок испит во Кавадарци против „сино-белите“ од Автокоманда.