Охрид го разби Тиквеш за „четири од четири“

Охриѓани со убедливиот триумф над Тиквеш од 40:20 ја продолжија победничката серија во суперлигашкото друштво. Охрид сега има „четири од четири“, додека кавадарчани остануваат на три бода, кои беа освоени со победата над Куманово и ремито со Пролет.

Избраниците на Стевче Алушовски натпреварот го започнаа според планираното, поведоа со 5:2 во воведниот дел и до крајот на натпреварот доминираа на теренот. Тиквеш, најчесто преку Мијатовиќ, доаѓаше до гол, но тоа беше премалку за камбек. Домаќините кон средината на првиот дел, со голот на Цирар, дојдоа до дотогаш највисоките плус четири, 10:6.

Како одминуваше времето, така растеше предноста на Охрид, гостите никако не можеа да излезат од кризата, влегуваа во серија грешки, па така на натпреварот беше решен уште во првиот дел, кој го доби домашниот тим со 21:12.

Гостите продолжија со лошата игра во второто полувреме, никако не можеа да излезат од кризата, домаќините не попуштија, напротив, продолжија да ја полнат гостинската мрежа за конечни плус 20, 40:20.

Најефикасен во победничката екипа беше Никола Јукиќ со девет погодоци, пет постигна Гал Цирар. Во поразениот табор Срѓан Мијатовиќ ги предводеше стрелците со шест погодоци.