Женската репрезентација на Македонија загуби на првиот тест со селекцијата на Австрија со 31-25, иако четириесетина минути играше во егал со еден од домаќините на ЕП 2024.
Македонскиот напад беше одличен во првиот дел и успеа да реализира 16 пати, но и домаќинките беа и расположени, погодија исто толку пати, па на пауза беше реми.
Вториот дел исто така започна со игра гол за гол, до 21-21, пред Маџовска да промаши пенал, потоа Блажек уште еднаш одбрани и Австрија стигна до плус три, 24-21, па Грчевски мораше да бара тајм-аут.
Серијата на домашните ја прекина Гакидова со гол за 24-22, но Австријките заиграа уште подобра одбрана, а Грчевски им даде шанса на Чурлиновска, Коцева, Ризоска, Стефаноска…
Немаше многу возбудувања до крајот, домаќинот рутински го доврши натпреварот. Овие две селекции утре ќе одиграат уште еден пријателски натпревар во Брегенц, со почеток во 14:45 часот.