Денеска со натпреварот Алборг – Нант, односно Колштад – Барселона, беше отворена новата сезона во Лигата на шампионите.
Актуелниот бранител на титулата, тимот на Барселона ја оправда фаворитската улога на гостувањето кај Колштад и славеше со 35:30.
Избраниците на Антонио Карлос Ортега победата ја најавија уште во првиот дел, кој го добија со седум гола разлика, 20:13, а во вторите 30 минути норвешкиот шампион успеа да се доближи на минус два, 25:23, но никако не можеше да дојде до целосен камбек, па во последниот дел гостинскиот тим ја потврди својата класа.
Голема заслуга за победата на каталонскиот гигант имаше голманот Емил Нилсен, кој натпреварот го заврши со 12 интервенции. Голманот на Колштад, Торбјорн Бергерут, имаше две интервенции помалку.
Листата на стрелци кај Барселона беше предводена од Дика Мем со шест, додека кај Колштад најефикасни, исто така со шест погодоци, беа Магнус Сондена и Ерленд Јохнсен.
Во натпревар со многу надигрувања, изедначувања и голема борба, данскиот шампион Алборг победнички ја отвори сезоната во Лигата на шампионите, откако го доби дуелот против Нант со 38:31 (16:17).
До 40 минута од натпреварот се играше егал, потоа домаќините со неколку погодоци во серија започнаа постепено да се одлепуваат, во 45 минута имаа предност од 28:23 и тука беше јасно дека гостите од Франција ќе имаат тежок предизвик.
Одлична партија во дресот на Алборг имаше 22-годишниот Томас Арнолдсен. Средниот бек даде 11 погодоци од исто толку обиди. Во поразениот табор најрасположен беше искусниот Валеро Ривера со седум погодоци.