Македонија триумфално против Италија – обезбеден е опстанокот во евро елитата

Машката кадетска репрезентација славеше против Италија со 23-19 и го освои првото место во групата Л од разигрувањето за пласман од 17 до 24 место на Европското првенство во Црна Гора.

Предводени од голманот Ѓорѓи Николовски со 18 одбрани, македонските кадети го обезбедија опстанокот во евро елитата и си обезбедија пласман на младинското ЕП во 2026 година, а сега ќе добијат шанса да разигруваат за пласман од 17 до 20 место на ова ЕП со најдобрите две од групата – Романија и Полска. Ако Грција ја победи Украина, ќе има четири бода, па Македонија, Италија и Грција ќе имаат по четири бода, но на мини табелата, нашите момци ќе бидат најдобри.

По стартното водство со 1-0 на Италијанците, нашите момци врзаа три гола во серија за 3-1, откако беа прецизни Петрески, Митев и Ристевски. Голманот Николовски имаше неколку одлични интервенции и Македонија се одлепи на плус четири, 9-5.

Следуваше еден пад во македонската игра, италијанскиот селектор повика тајм-аут, па неговите избраници успеаја да ја намалат негативата на минус еден, 9-8. Во финишот на полувремето Ѓокески беше исклучен, Италија доби пенал, кој беше реализиран и на пауза се замина со реми, 11-11.

На стартот на второто полувреме Македонија преку Поповски и Илиевски стигна до 13-11, а по двете врзани промашувања на Италијанците стигнавме и до плус три, 16-13. Македонската одбрана беше подобра од првиот дел, не дозволуваше лесни погодоци, но од друга страна нападот немаше премногу идеја.

Дури и по плус четири, 18-14, на десетина минути до крајот не беше се готово. Со наши грешки им дозволивме нов камбек на Италијанците, кои успеаја да намалат на 18-17, а потоа и 19-18 кога беше исклучен Матески.

Голманот Николовски запре еден удар, во контранапад додаде до Ѓокески, кој погоди за безбедни 21-18 и веќе немаше време за Италија да стори нешто повеќе на овој натпревар.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Митев со шест и Крстевски со четири погодоци. За Македонија остануваат уште два меча на Европското првенство по што ќе биде познат конечниот пласман.