Ракометарите на Струга во рамки од 8. коло од плеј-оф фазата на свој терен ќе го пречекаат амбициозниот тим на Тиквеш. Стружани во претходното коло против Пролет беа блиску да ги освојат првите бодови, но во последните минути немаа многу среќа.
Струга сега ќе посакува да ја повтори играта од саботниот дуел и рамо до рамо да се носи со составот предводен од Раде Стојановиќ. Иако тимот на Струга не освои бод во досегашниот тек од сезоната, факт е дека на дел од натпреварите беше опасен ривал.
Кадетскиот репрезентативец Филип Велјаноски го најави утрешниот дуел со тимот од Кавадарци.
,,Тиквеш е апсолутен фаворит, од една страна бодовите им се многу важни, а од друга имаат подобар и поголем ростер, па така за нас останува да го дадеме најдоброто од себе и да пробаме да им парираме во секој аспект на играта. Знам дека нема да ги разочараме домашните навивачи, кои знаат да го наградат нашето залагање без разлика дали конечниот исход е победа или не! Битно е да се вложиме целосно во натпреварот”, изјави Велјаноски.
Младиот ракометар истакнува дека натпреварите во суперлигашката конкуренција занего се едно големо и позитивно искуство.
,,Тренирам од својата шестта година многу посветено. Мислата дека секогаш може подобро е таа која ме води напред. Им благодарам на мојот тренер Наум Танески, помошникот тренер Сале Србиноски и кадетскиот тренер Жарко Ферукоски, за секоја минута укажана доверба на теренот и давам сѐ од себе да ја оправдам таа доверба. За мене секој натпревар и секоја минута помината на терен е искуство плус”, вели Велјаноски.
Левото крило е еден од најперспективните ракометари и се надева дека во иднина ќе дојде до сениорскиот дрес.
,,Сон и чест на секој спортист е да ги брани боите на Македонија. Тоа е како да си го отплатил долгот кон својата татковина, не знам што претставува врв на достигнување во другите професии, но во нашата работа, бранењето на националниот дрес е врвот кон кој се стремиме и ни е највисок приоритет. Нема спортист кој не сонува да ги брани боите на својата татковина. Но тоа бара многу пот, жртва и посветеност”, додаде Велјаноски.
Кадетската екипа на Струга оваа сезона посакува да дојде до шампионскиот пехар во својата конкуренција.
,,Годинава мотивацијата во нашиот кадетски тим е на највисоко ниво. Оваа генерација беше шампион во пионерска конкуренција, па изгуби две финалина со ред последниве две сезони. Верувајте, можеби тоа звучи како добар успех, но два пати со ред да се пропушти шампионската титула не е воопшто лесно чуството, така да веруваме во себе и работиме максимално и посветено за да оваа година го носиме епитетот кој го заслужуваме – Шампиони на Македонија”, заврши Велјаноски.
Натпреварот меѓу Струга и Тиквеш ќе се одигра утре со почеток од 17:00 часот во спортската сала „Тими“. Влезот за сите љубители е слободен.