Ракометарите на Радовиш освоија три важни бодови на свој терен, откако во натпревар од 4. коло од прволигашкиот плеј-оф триумфираа над Македонија ЃП со четири гола разлика, 30:26.
За Радовиш денешната победа беше втор триумф во борбата за камбек во елитата и со новите освоени бодови фати приклучок кон горниот дел на табелата. Радовишани сега имаат осум бодови, исто толку има и Драчрво, кој се наоѓа на 4. позиција.
Избраниците на Љупче Мијалов од првата, па до последната минута беа во предност, во ниту еден момент не дозволија гостите од Ѓорче Петров да поведат, или пак да израмнат, но за посакуваната цел мораа да се потрудат, бидејќи немаа голема комоција во играта.
Откако Радовиш на полувреме замина со 13:11, во вторите 30 минути домаќинот играше полесно, на моменти дозволуваше гостите да се надеваат на евентуален приклучок, но на крај пресуди квалитетот на поискусната екипа, која беше предводена од Зоран Стојановски и Здравко Постолов.
Двајцата ракометари постигнаа по седум погодоци, по четири додадоа Бојан Јованов и Иванче Ончев. Кај Македонија ЃП прво име беше Никола Иванов со осум погодоци, шест додаде Максимилијан Ѓиноски.