Откако се одиграа сите 18 натпревари во трите квалификациски групи за Олимписките игри, беше комплетирана листата со 12 учесници.
Од групата 1 во шпанскиот град Гранољерс, покрај домаќинот на ОИ место обезбеди Словенија, а Бразил и Бахреин останаа без пласман во Париз.
Од групата 2 во германскиот град Хановер, домаќинот и Хрватите се двете селекции што успеаја да стигнат до првите две места, додека Австрија и Алжир останаа со празни раце.
Од групата 3 во унгарскиот град Татабања, домашните ракометари со триумфот над Португалија во меч „да се биде или не“ за двете селекции обезбедија пласман на ОИ, како и првопласираната Норвешка, а Тунис ќе почека до Лос Анџелес.
Од претходно покрај домаќинот на ОИ, своето место го имаа потврдено Данска, Шведска, Јапонија, Египет и Аргентина, па во Париз ќе играат дури девет европски селекции.
Тројца од ракометарите што играат во македонската Супер лига од 26 јули до 11 август ќе ги гледаме во Париз – двоецот од Еурофарм Пелистер, Нејц Цехте и Урбан Лесјак, како и членот на Вардар, Косуке Јасухира.
Ждрепката ќе се одржи на 16 април во Париз, а подолу може да прочитате за тоа како се распоредени селекциите во шест шешири.
Ждрепка за ОИ, шешири:
шешир 1: Данска, Шпанија
шешир 2: Хрватска/Норвешка
шешир 3: Унгарија/Германија
шешир 4: Словенија/Франција
шешир 5: Шведска/Египет
шешир 6: Аргентина/Јапонија