Покрај кадетската и сениорската репрезентација на Македонија, во рамките на ЕХФ неделата, активни беа и младинците.
Тие одиграа две пријателски средби со силната Хрватска, во Автокоманда, на едната ремизираа 28-28, додека на вториот меч беа поразени со 34-28.
Селекторот Раде Стојановиќ ги сподели импресиите по двата меча.
„Одигравме два квалитетни и тешки натпревари со селекција која на секое натпреварување е во ТОП 4, а беше бронзена на последното Светско првенство за кадети. На првиот натпревар бевме во ситуација за напад за победа, додека на вториот до 45 мин бевме „егал“, но со ротација на играчи, некои беа и прв пат со нас не го издржавме темпото и ритамот до крај за победа. Иако со Хрватска ќе играме и на ЕП, адути не криевме и онака бевме ослабени бидејќи бевме без седум репрезентативци кои учествува на СП во Хрватска на првиот меч, а на вториот натпревар ги немавме плус Шулески и Марио Стојановски“, вели Стојановиќ.
На овој собир имаше неколкумина што досега не добиле прилика.
„Беа повикани нови ракометари со цел да им се даде шанса да играат репрезенттивен натпревар со нивни врсници од Хрватска. Секој нов повикан ракометар имаше шанса да игра на овие натпревари и секој има индивидуално различен учинок и точно го знае. Ги охрабрувам сите играчи 2004 и помали на добра игра во натпреварувачката сезона 23/24 и да бидат подгототвени во секое време за репрезентативен повик“, порача селекторот.
Во следната ЕХФ недела во мај, младинците ќе играат двомеч на гости кај селекцијата на Чешка, а главните подготовки за ЕП ќе почнат кон средината на јуни. Македонија на ЕП ќе биде во група со Хрватска, Австрија и Црна Гора.