Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Србија, Борис Ројевиќ го објави поширокиот список на ракометари пред натпреварите со Полска во рамките на ЕХФ неделата.
На списокот кај Ројевиќ партиципираат 35 играчи, меѓу нив има тројца ракометари од Вардар, односно двајца од Еурофарм Пелистер.
Од редовите на „црвено-црните“ повикани се крилата Марко Срдановиќ и Дарко Ѓукиќ, како и средниот бек Матија Николиќ.
Богдан Радивојевиќ и Урош Борзаш, кои беа дел од составот на Србија на Европското првенство во Германија, исто така ќе чекаат повик за двомечот со Полска.
Првиот пријателски дуел меѓу Србија и Полска ќе се одигра на 15 март, додека вториот е закажан за два дена подоцна.
Пријателските дуели со Полска за Србија ќе бидат загревање за бараж двомечот против Шпанија за пласман на Светското првенство 2025.