Викендов ќе стартува можеби најнеизвесниот плеј-оф во последните неколку сезони, а со таквата констатација се согласуваат и многу од ракометарите, тренерите и ракометните работници.
Амбициониот Тиквеш на стартот ќе игра против Струга пред празни трибини, а ќе дебитира и новиот тренер Раде Стојановиќ.
Капитенот на кавадарчани, Страхиња Симиќ, очекува дека Тиквеш одново ќе има успешен плеј-оф.
„Почнува веројатно најквалитетниот плеј-оф во последните неколку сезони. Сите екипи се на едно добро ниво и секој натпревар ќе биде многу тежок – оние каде што сме фаворити и оние каде што сме аутсајдери. Ако некоја од екипите малку полесно влезе во мечот, може да има проблеми со секој тим. Секако дека Еурофарм Пелистер е прв фаворит за титулата поради ростерот кој го има, Вардар имаше сјаен прв дел, а Алкалоид веќе две години игра на едно добро ниво, но секако ќе се прашуваат и останатите тимови како во борбата за Европа, така и за титула. Целта на Тиквеш секоја година е да оди чекор понапред, за тоа се спремаме, ги знаеме нашите квалитети и верувам во оваа екипа дека пак ќе има успешен плеј-оф“, вели Симиќ.
Прв ривал на кавадарчани ќе им биде екипата на Струга.
„Струга е една добра, искусна екипа која знае да игра ракомет, има одличен тренер и сигурно дека ако имаат шанси ќе ги искористат, иако се ослабени. Ние се спремаме за Струга како и за секој друг ривал, максимално сериозно и верувам дека ќе почнеме со победа. Искусната бековска линија на Струга е најголемата опасност кон нашиот гол, сакаме да го спречиме тоа со нашата одбрана и да го наметнеме нашиот ритам од старт“, продолжи Симиќ.
Капитенот вели дека новиот стратег Раде Стојановиќ донесе нова енергија во тимот.
„За кратко време влеговме во ритам со Раде Стојановиќ, кој уште од стартот ги постави работите на место и донесе нова енергија. Секој си ја знае својата задача и каква улога има во тимот. Секој слободен момент сме во сала, а овој период го искористивме за да се воиграме повеќе и да се навикнеме на новите задачи. За се треба време, но очекувам дека низ натпреварите ќе дојдеме што побрзо до нивото што се бара од нас, како во одбраната, така и во нападот. Атмосферата во Кавадарци е веќе добро позната на сите, ние и нашите навивачи ‘Лозари’ и останатата верна публика сме мотивирани и спремни да одиграме уште еден добар плеј-оф. Знаеме што значи нашиот домашен терен, кој можеби е најтежок за играње на гостинските екипи и тоа така мора да остане, но исто така мора да бидеме и „фраери“ надвор и да земаме бодови што ќе ни го донесат местото каде што сакаме да бидеме“, заврши Симиќ.
Натпреварот против Струга, кавадарчани го играат в сабота во салата „Јасмин“ со почеток во 17:00 часот.