Не стивнуваат реакциите во Хрватска по слабиот настап на ЕП во Германија. По изјавите на неколку поранешни ракометни легенди, најнов на листата кој го коментираше настапот на „коцкастите“ е и поранешниот селектор, Хрвоје Хорват.
Претходникот на Горан Перковац немаше премногу разбирање за актуелниот селектор, и за тоа како тој ја водеше репрезентацијата на ова ЕП. Хорват го напушти селекторското столче пред една година, а го наследи токму Перковац, кој не направи никаков напредок, баш напротив, Хрватска се пласира дури на 11.место.
Немаше никаков напредок, напротив. Тоа што на почетокот изгледаше како забрзување на играта се покажа како трчање на неорганизирана одбрана кон неорганизиран напад што донесе голем број на технички грешки, доведе до несигурност на некои ракометари и на крајот ни се одби од глава. Не успеавме да го капитализираме прекрасниот турнир на Кузмановиќ за кој говори цела Европа, па не може да се зборува за никаков напредок во играта. Не се сеќавам дека некогаш сме имале голман кој имал 22 одбрани на натпревар, вели Хорват за „24Сата“.
Хорват смета дека депласирана е тезата за „слабата хрватска лига“ бидејќи токму од таа лига доаѓаат едни од најдобрите во репрезентацијата, надополнети со интернационалците кои играат главна улога во своите клубови.
Треба да го потсетиме селекторот дека двајцата наши најдобри поединци Кузмановиќ и Матеј Мандиќ доаѓаат од домашната лига, од двата хрватски клубови кои имаат добри резултати во Европа. Останатите репрезентативци играат во најдобрите европски клубови во кои имаат водечка улога.Единствен виновник за пласманот на 11.место е селекторот, а не домашната лига, а уште помалку ракометарите. Треба да ја прифати одговорноста без никакви оправдувања, и без изјави како тоа дека 11.место е одличен резултат-изјави поранешниот хрватски селектор.