Во дерби натпреварот од групата Д, Норвешка триумфално го стартуваше ЕП совладувајќи ја Полска со 32-21 (15-10).
Полска одлично го започна мечот и доминираше во почетните минути по кои имаше водство 0-3. Сепак не требаше премногу Норвежаните да влезат во ритам, па со головите Бартхолд и Сагосен експресно се вратија во игра и го превземаа водството 5-4 во 10.минута. Бергерут беше одличен на голот, а Норвежаните успешно ја казнуваа секоја грешка на противникот, зголемувајќи ја својата предност која на полувреме достигна до највисоки пет позитива 15-10.
Во второто полувреме Норвежаните продолжија во уште посилен ритам, не дозволувајќи и на Полска да помисли на евентуално враќање во натпреварот. Скандинавците беа расположени од сите позиции, за на крајот да го декласираат противникот со високи 32-21.
Најпрецизни кај Норвешка беа Сагосен со шест и Род со пет гола.
Во рамките на групата Е, актуeлниот Европски првак Шведска немаше посериозни проблеми против репрезентацијата на Босна и Херцеговина, славејќи со 29-20 (14-7).
Босанските ракометари имаа добар почеток на натпреварот и до 15.минута беа во поднослива негатива од 6-4. Сепак Шведска на средината на првото полувреме ги затвори приодите кон својот гол, а водено го полнеше противничкиот па од резултат 6-4 во 15.минута, на полувреме замина со водство од 14-7.
Босанските ракометари со серија од 3-0 го отворија вториот дел. Буриќ бранеше одлично, а неговите соиграчи го валоризираа сето тоа и му дадоа одличен отпор на фаворитот. И покрај тоа Шведска успеваше да одржи сигурна позитива која не падна под три разлика. Во последната третина од мечот репрезентацијата на БиХ снема сили да се бори со фаворизираниот противник, па на некој начин го уништи впечатокот кој го остави до тој момент. Швеѓаните немилосрдно ги казнуваа техничките грешки на противникот и при крајот стигна и до двоцифрена предност од 28-18. На крајот конечни 29-20, за очекуван прв триумф на актуелниот Европски првак.
Хампус Ване со девет гола ја предводеше Шведска до триумф, а во составот на Босна и Херцеговина Фаљич постигна четири погодоци.
Во групата Ф, Данска во вториот дел успеа да го скрши отпорот на Чешка триумфирајќи со 23-14 (9-9).
По изедначеното прво полувреме во кое ниедна репрезентација не успеа да се одлепи, во вториот дел Данска покажа класа и многу рано ги реши дилемите кој ќе биде победникот на овој меч. При резултат 10-10, данците имаа серија од шест неодговорени погодоци со што заминаа на високи +6 (16-10) по кои го решија победникот на мечот. До крајот само се одигра рутински за конечни 23-14.
Хансен со пет и Ландин со четири гола беа најпрецизни кај Данска. Во Чешкиот состав Патцел беше стрелец на четири.