Кадетите храбро се бореа, но минимално загубија од Швајцарија

Машката кадетска репрезентација на Македонија доживеа пораз од Швајцарија со 27:26 во вториот квалификациски натпревар за пласман на кадетскиот континентален собир.

Иако Македонија загуби денес, сепак, останува во игра за пласман на Европското првенство во Црна Гора.

Ракометарите на Наум Танески, утре во истиот термин, 15:00 часотд, ќе ги одмерат силите со репрезентацијата на Косово, која денес загуби од Словачка со 33:22.

Швајцарија е прва во групата со четири бода, по два имаат Македонија и Словачка, додека Косово е без бод.

Швајцарија имаше фуриозен старт, во воведниот дел бргу дојде до предност од 6:1 и до крајот на првиот дел имаше контрола на теренот. Македонија по лошата игра во првите десетина минути, кон средината на првиот дел за момент заигра поквалитетно намалувајќи на 8:5.

Избраниците на Наум Танески и во 20 минута заостануваа на три гола, 10:7, но разиграните репрезентативци на Швајцарија со три гола во низа дојдоа до 13:7. Македонија откако немаше реализација седум минути, кризниот период беше прекинат голот на Трајковски, кој намали на 13:8. Ракометарите на Швајцарија до крајот беа доминантни и на пауза заминаа со пет гола разлика, 15:10.

Веќе при резултат од 21:13 по осум минути игра во вториот дел, јасно беше дека „црвено-жолтите“ ќе имаат тежок предизвик да направат камбек. По предноста на Швајцарија од 22:15, кадетите на Македонија направија серија од 3:0 и во 45 минута намалија на 22:18.

Од тој момент Македонија беше закана за Швајцарија, на три минути пред крајот намали на 25:23. Избраниците на Наум Танески беа во игра за барем реми на натпреварот, но ракометарите на Швајцарија до крајот имаа активен резултат и не дозволија целосен камбек на нашата репрезентација.

Најефикасен во составот на Македонија беше Дамјан Митев со шест погодоци, по пет постигнаа Самоил Ристевски и Теодор Пецаноски.