Тимот на Деспина го оствари петтиот триумф оваа сезона во Женската лига, откако славеше дома во пелагонискиот двобој над Пелистер, 24-19.
Домаќинките отворија со водство од 6-1, имаа избраничките на Страшо Илиоски и плус шест, 14-8, но попуштија во финишот на првиот дел.
Битолчанки ја стегнаа одбраната, а со головите на Талева, Босилковска и Дамјановска ја преполовија негативата, па на пауза се замина со 14-11.
Прилепчанки возвратија со иста мера на стартот на второто полувреме – со три гола во серија за 17-11 и се чини дека тука го решија победникот на овој натпревар.
До крајот домашните ракометарки само рутински ги потврдија трите бода. Беа водени од Гичева со пет и Цветкоска со четири погодоци, а по три гола дадоа Ристеска и Камческа.
Во тимот на Моника Талевски отскокнуваше Моника Босилковска со девет гола, но тоа беше премалку за позитивен резултат на гостувањето во Прилеп.