Еден ден откако новинарите му доделија награда за транспарентност на бизнисменот Живко Мукаетов, се одржа управен одбор на една помалку транспарентна организација, Ракометна Федерација на Македонија каде претседател е токму Мукаетов. А таму, транспарентноста е помножена со НУЛА.
Организацијата со која раководи веќе една деценија има својство на правно лице од јавен интерес, а тоа значи јавноста сака, треба и мора да знае што се случува, како се раководи оваа институција. Впрочем, се доделуваат и распределуваат ваучери од нашите пари, одвоени од даноците кои ги плаќаме.
Ама, по веќе воспоставена практика, јавниот интерес како и вратите за дел од „неподобните“ новинарите и медиуми селективно беа затворени и на овој Управен Одбор, а меѓу нив и редакцијата на единствениот ракометен портал во Македонија, 24Ракомет остана зад вратите или поточно решетките со кои РФМ транспарентно се штити од јавноста. Оваа јавна институција, некогаш најдобро организирана федерација и гордост на македонскиот спорт, денес е привремено „приватизирана“, полтронизирана и далеку од транспарентна.
И тоа се случува веќе подoлго време, па ако не сте на списокот на подобните, послушните и оние што „слушаат, а не прашуваат“ нема да можете да ја извршите и вашата функција – да ја информирате јавноста. Бидејќи, медиумите се тие што ги информираат и клубовите и тие се исклучени од полемика, дискусија, размена на идеи. Едноставно, има само една вистинска информација – таа на РФМ.
Статут на РФМ, Член 3. РФМ има својство на правно лице од јавен интерес, со права и обврски и одговорности утврдени со Уставот, Закон и други прописи, овој Статут, како и со Статутот и другите акти на ЕХФ
Што сака да сокрие РФМ од јавноста?
Традиционално на страните на РФМ нема официјален извештај со заклучоците од Управниот одбор или се објавува сокриен зад низа табови и документите на сајтот.
Во „истражувачкото“ новинарство за кое треба да се подготвите доколку имате желба да прочитате што сработиле телата и органите на РФМ, или какви одлуки донеле, ви се потребни малку компјутерско знаење, многу нерви и доволно време. Низ лавиринтот информации не секогаш ќе излезете победнички бидејќи поголем дел од информациите не се скриени, туку едноставно ги нема.
Статут на РФМ, Член 57. Органите на РФМ се должни редовно и навремено да ја информираат јавноста за својата работа. Органите на РФМ се должни да обезбедат начин и услови за запознавање на јавноста во остварувањето на целите на РФМ, неговата активност и користењето на срествата.
Додека одлуките од денешниот УО на РФМ беа објавени во неколку медиуми кои имале можност да го видат извештајот или можеби дури и да присуствуваат на седницата, на сајтот на РФМ последна вест е распродадениот стадион во Диселдорф на отворањето на Европското првенство во јануари 2024. Ако можеме да веруваме во контролираниот проток на информации, РФМ денес изгласал важни одлуки и промени кои сериозно ќе влијаат на иднината на македонскиот клупски ракомет. Без присуство на новинари кои може да прашаат дали претходно се консултирале со клубовите, дали ја добиле нивната согласност и доверба или воопшто дали имало доволно членови на Управниот одбор за да се одржи седницата, колку членови го поддржале новиот предлог и дали како причина некој од членовите споменал бизнис интереси од елитата која раководи со ова тело.
Бевме сведоци дека во времето на пандемијата, РФМ воспостави практика „далечински“ да усвојува промени без да води сметка за Статутот или правилниците, со онлајн седници на Управниот одбор или без седници со користење на џокерот „Одлучување без присуство“ под изговор за итност на одлуките.
Се менуваа системи на натпреварување од март за септември, се манипулираше со вредноста на ваучерите, се менуваа комесари, се измислуваа комисии, се назначуваа членови без да се води сметка за непотизам како еден од столбовите на кој е изградена сегашната структура во „приватизираната“ РФМ. Така кога смело им помина сè се одлучија да ја исклучат и јавноста.
Исто како што не дадоа одговори на многу прашања, а меѓу нив и прашањата кои се однесуваат на високиот функционер на РФМ кој беше приведен поради „поседување бела прашкаста метарија“ и истиот е заведен во билетенот на МВР. И што се случи и каде е сега тој член. Не дадоа одговор на прашањето според кој член се менуваа резултати на веќе завршени натпревари, а сето тоа беше зад закрилата на одредени комисии.
Од септември 2022 година раководството на РФМ, решетките на влезот во институцијата ги направи нетранспарентни. Контролата на информациите кои излегуваат во јавноста и воспоставениот информативен мрак, отвара посериозни прашања: Дали во РФМ се подготвува нешто што не е согласно законите и правилата?
Статут на РФМ, Член 56. Работата на органите на РФМ е јавна.
Од кого се штити РФМ и зошто?
Третиот Управен одбор кој помина без присуство на независните медиуми, донесе одлуки кои го кратат сегашниот формат на Суперлигата. Според едните квалитет концентриран во силни натпревари, според други поголема сума за делба од ваучерскиот колач. Незадоволни се клубовите, незадоволни се играчите. Без образложение, поткрепа и некакво истражување или студија за оправданоста на одлуката уште еднаш ја подели ракометната јавност.
Начинот на кој се менува системот на натпреварување по принципот „Баце, а да пробаме ова?“ секоја година, не донесе револуција ниту во квалитетот на македонската лига, ниту во посетеноста на натпреварите, ниту поголема присутност и интерес кај спортската јавноста. Наместо отчет за претходните одлуки и малку памет од научените лекции, повторно се добива впечаток дека одлуките се носат за бизнис интереси кои се далеку од ракометните.
Статут на РФМ, Член 58. Претседателите на органите и телата на РФМ или лице определено од УО на РФМ за односи со јавноста (портпарол) на претставниците на срествата за јавно информирање им презентираат податоци и информации за работата на органите, односно телата на РФМ. Претставниците на средствата за јавно информирање можат да присуствуваат на седниците на Собранието и на другите органи и тела на РФМ, по покана на Претседателот на соодветниот орган, односно тело. Кога на седниците на органите и телата на РФМ, се разгледуваат прашања кои претставуваат службена или друг вид тајна, јавноста е исклучена.
Ниту претседателот на Управниот одбор на РФМ, ниту лице определено од УО на РФМ за односи со јавноста (кое во практика не постои) нè ни презентираа податоци и информации за работата на УО на РФМ.
Затоа само може да се претпоставува кој е мотивот да се менува систем сред сезона, особено имајќи предвид дека дури четири екипи од плеј-аут фазата ќе испаднат. Така многу математики во клубовите кои ќе се борат за опстанок повеќе нема да важат, или ќе се утростучат. Планот и програмата за наредната сезона клубовите заедно со федерацијата ќе ги менуваат во од, лошо за имиџот и прашалник за сериозноста на некогаш најдобрата спортска институција во државата- Ракометната Федерација на Македонија
Време е за промени!
По 10 години раководење со најуспешната федерација, ракометот никогаш не бил на пониско ниво. Обвинувања за купени судии и ракометари, влијанија при делегирање, клупски казни за организација на натпревари каде домаќин е РФМ, пазарање со кривични и прекршочни дела, сето тоа го метеме под теписон „за доброто на македонскиот ракомет“.
Метеме и викаме добро е уште играме на Европско. Добро е додека не видиме и споредиме во кое европско друштво сега ќе припаѓаме. Зошто од „норвешка“ Македонија остана сонот на селекторот да застане на чело на вистинската Норвешка, па кога веќе амбицијата е таква, тогаш и кругот на репрезентации „од наш ранг“ се стеснува. Пред две години ги вивнавме Црногорците во кремот на европскиот ракомет, сега тука се Босна, Грузија, Романија, Грција, а кој знае можеби тие еден ден повторно ќе се плашат од Македонија…
Додека критичната маса негодува за правецот во кој оди ракометниот брод, оние кои сакаат да им се додворат на „најуспешните капетани“ од РФМ во десеттата година од нивната пловидба сè уште навиваат и аплаудираат на селекторските извештаи без да прашаат „Уште колку додека не го допреме дното?“.
Ама не, сега јавноста е крива, па да ја исклучиме, само нека е за добро, за доброто на македонскиот ракомет или за неговите кормилари.