Екипата на Вардар во 12. коло од Женската лига славеше победа над Деспина со 33:28 и ја продолжи трката за добар пласман на табелата. До крајот од првиот дел од сезоната останува да се одигра уште едно коло.
Вардарки наидоа на силен отпор на денешниот дуел и мораа максимално да се потрудат за да ги освојат бодовите.
Иако ракометарките на Вардар имаа добар почеток, поведоа со 7:3 и до 20 минута беа поконкретни на теренот сепак, прилепчанки предводени од искусната Гичева, која во првиот бел беше нерешлива енигма за домаќинките, постигна седум погодоци, полека се враќаа во игра и во 22 минута направија комплетен пресврт.
По предноста на „црвено-црниот“ тим од 11:9 следуваше серија од 3:0 на Деспина. Гостинките најпрво израмнија на 11:11, потоа поведоа со 12:11. Од тој момент Деспина влезе во ритам, водеше во уште неколку наврати, домашниот тим израмнуваше, па така на пауза се замина со нерешен резултат од 16:16.
Тимот на Царчев во вториот дел заигра поангажирано и од 18:18 дојде на 23:18 во 40 минута. Гостинките поради кратката ротација паднаа физички, до крајот не можеа да ја повторат играта од првиот дел, но постојано им се закануваа на вардарки.
Најефикасна во победничката екипа беше Ивона Трпевска со осум погодоци, седум постигна Борјана Коцева.
Во составот на Деспина се истакна Мери Гичева со седум погодоци, еден помалку запишаа Ангела Камческа и сѐ подобрата Евгенија Цаневска.