Екипата на Вардар во заостанатиот натпревар од 9. коло од Супер лигата забележа победа над Бутел Скопје со 26:20.
Тимот на Недановски сега на табелата има 24 бода, ист број на бодови има и Еурофарм Пелистер, додека Бутел Скопје моментално останува на 4. позиција со 15 бода и во понатамошниот дел од сезоната ќе се бори за пласман во плеј-оф фазата.
Вардарци уште на почетокот покажаа „кој е кој“. Бутелци со голот на Иваниќ го отворија натпреварот, поведоа со 1:1, но потоа следуваше рапсодија на „црвено-црните“, кои најпрво направија серија од 3:0, дојдоа до 4:1, потоа имаа и седум гола разлика, 9:2.
Вардар на голот го имаше и расположениот Томовски, кој не дозволуваше лесно да биде совладан, додека повеќето од погодоците на домаќинот беа постигнати преку контри и полуконтри. Во првите десетина минути се повреди десниот бек Томислав Јагуриновски, но тоа не претставуваше никаков проблем за домаќините, бидејќи имаа целосна контрола на резултатот.
Гостинскиот состав предводен од Кузманоски речиси десет минути беше без реализација. Кризата во Бутел беше прекината дури во 16 минута кога Михајловиќ намали на 9:3, минута подоцна Стојановски беше прецизен за 9:4. До крајот на полувремето тимот на Бутел успеа да се консолидира и да покаже поголем отпор.
Ракометарите на Вардар имаа мал пад при финишот од првиот дел, дозволија гостинот да се доближи на 12:9 и да се бори за резултатски приклучок. По 30 минути игра, резултатот беше 13:9 во корист за вардаровиот табор.
Второто полувреме се играше по нотите на првиот, па така домашниот состав претежно имаше резултатска предност од четири до пет гола разлика, на моменти знаеше да се опушти и да им даде надеж на гостите, но до крајот од дуелот гостите не можеа да направат нешто повеќе.
Двајцата голмани од двата табора – Мартин Томовски и Бојан Блажески се покажаа во солидно светло. Најефикасен во тимот на Вардар беше Марко Срдановиќ со шест погодоци, додека кај Бутел се истакна младиот Бојан Спасовски, кој со шест реализации ја потврди добрата форма во новата натпреварувачка сезона.