Екипата на Куманово се врати во игра за шампионската титула кај дамите, откако на гостувањето во Скопје кај Вардар славеше со 25:24 во натпревар од 7. коло.
Куманово во текот на целиот натпревар беше во предност, домаќинот ниту еднаш не поведе, израмни само на 1:1 на стартот, се друго мина во знакот на гостинките кои резултатската предност не ја испуштија до последниот судиски свиреж, иако домашниот тим можеше да освои барем бод.
Вицепрвакот на овој дуел настапи без новото засилување Нена Несторовска, која е меѓу најдобрите стрелци во тимот на Димитријески. Сепак, Куманово во денешниот дуел со Вардар покажа карактер и запиша три важни бода.
,,И против Ѓорче Петров беше слична ситуацијата, не сме комплетни, ни се повреди Нена Несторовска, цела игра се базираше на нејзе, таа на почетокот на сезоната ги засили нашите редови, врз нејзе ја градам целата игра и таа ни е моторот во екипата, се повреди на младински натпревари, ги скина лигаментите и сега за сега е во аут. Ростерот е тој во оваа сезона, борбеноста и дисциплината до некаде се на високо ниво, но ростерот не ни е на завидно ниво”, изјави Димитријески.
Стратегот на Куманово се надева дека и покрај проблемите неговите избранички ќе останат конкурентни за титулата.
,,Не мислам дека не потцениле Вардар, доколку не потцениле направиле грешка, како што кажав на почетокот на сезоната, перформансите на девојките ми се најбитни, да кренат ниво на игра, со Несторовска тргнавме добро, но се повреди, сигурен сум дека ќе се врати посилна, но сега ние сме со еден играч помалку. Габриела Величковска, која исто така беше повредена, ова и е втор натпревар по рехабилитацијата, и пропушти сите подготовки…Ние не се откажуваме за титулата, тимот на Ѓорче Петров е покомплетен од нас, со респект влеговме во тој дуел, со респект влеговме во денешниот дуел и така ќе биде на сите наредни меча, но, доколку јас ги подобрам перформансите кај играчите, се надевам дека ќе ми вратат со добра игра и со добар пласман”, заврши Димитријески.
Следен предизвик за екипата на Куманово е дуелот против Чаир, кој денес игра со Ѓорче Петров.