Минатиот викенд беа одиграни дел од натпреварите од петтото коло во машката младинска лига.
Екипата на Овче Поле триумфираше на гостувањето кај екипата на Еурофарм Пелистер со 33-31. Иако тимот од Свети Николе настапи само со десет ракометари, сепак беше подобар противник од домашниот тим. Најдобри стрелци кај победникот беа Бојан Гичев и Петар Начев, со по девет погодоци, додека во домашниот тим се истакнаа Владимир Ацковски со десет и Благој Христовски со девет гола.
Бутел Скопје забележа победа на домашен терен против Еурофарм Пелистер 2 со резултат 31-29. На полувреме Еурофарм Пелистер 2 имаше предност со високи 16-11, но сепак во второто полувреме тимот на Бутел Скопје направи пресврт, и на крај се радуваше на триумф. Лидер во победничкиот тим беше Петар Цветковски, кој дури 20 пати погоди во гостинскиот гол, а најдобар стрелец кај битолчани беше Димитар Вирловски со 13 гола.
Пролет беше убедлив против составот на Прилеп со високи 42-27. Домашната екипа беше предводена од Матеј Јачев со девет и Андреј Стојановски со седум гола, а во гостинскиот состав се истакнаа Ангел Крстески со шест и Павел Лажоски со пет погодоци.
Шампионот Голден Арт беше сигурен на гостувањето кај Вардар со 43-24. Кристијан Стаменковиќ постигна десет гола во овој триумф, додека Огнен Тасевски стрелаше пет пати кај вардарци.
Младинци, 5. коло, резултати:
Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер 2 31-29
Еурофарм Пелистер – Овче Поле 31-33
Пролет – Прилеп 42-27
Вардар – Голден Арт 24-43
Тиквеш – Мулти Есенс одл.
Младост Богданци – Алкалоид одл.
Охрид слоб.