Тимот на Радовиш се врати на победничките патеки во Првата лига по дерби поразот од Бисинов, откако славеше на гости кај Металург РА во Автокоманда со 34-30.
Најзаслужни за победата се левиот бек Здравко Постолов, кој даде дури 12 погодоци и левото крило Зоран Стојановски кој стрелаше осум пати.
На стартот на мечот се играше гол за гол, но како одминуваше времето, така гостите полека ја преземаа контролата на теренот и до паузата стигнаа до плус три, 19-16.
Во второто полувреме Металург РА успеа да се врати на минус еден, 26-25, но потоа во следниот период прими три гола по ред и немаше време за нов камбек.
Радовишани рутински ја задржаа стекнатата предност и се израдуваа на три бода. Коста Николовски со десет гола беше најдобар стрелец кај Металург РА, а Филип Петровски даде седум.