Тиквеш со предност од четири гола ќе патува на реваншот од Европскиот куп во Австрија кај екипата на Кремс, откако македонскиот тим во Кавадарци триумфираше со 33-29 (19-16). По 13 години во Кавадарци повторно имаше европски ракомет. Полна сала, атмосфера, навивање и пред се голема поддршка за играчите. Исполнети сите услови за добар резултат. И домашните ракометари им овозможија фешта на навивачите.
Двапати Тиквеш се враќаше во игра и правеше позитива од 5-6 гола, откако ривалот успеваше да најде сила и да се врати. Можат кавадарчани да жалат што не направија и повисока предност, но ќе треба да бидат претпазливи зашто Кремс покажа дека е добар тим кој знае да ги користи своите шанси, а особено грешките на ривалот.
И без поддршка од голманите во првото полувреме екипата на Тиквеш успеа да замине на одмор со предност од три гола, 19-16, иако можат да жалат бидејќи имаа и „плус 7“ во 22 минута. Наместо да продолжат да ја полнат мрежата на гостите од Австрија, играчите на Тиквеш како да подзастанаа, „снемаа душа“ и тоа знаеја да го искористат гостите. Гемањевиќ имаше само една одбрана во тој период.
Половина од головите во првиот дел за Тиквеш ги постигнаа Симиќ и Обина (двајцата по пет гола). Иако трипати играа со играч помалку по две исклучувања на Мартин Манасков и Борче Соколов, нападот на кавадарчани беше и повеќе од прецизен.
Тиквеш – КРЕМС
Гостинскиот голман Томас Екбергер беше и повеќе од расположен во првото полувреме, и имаше седум успешни одбрани. Три од нив во можеби клучните моменти кога Кремс се врати во игра и ја топеше оредноста на Тиквеш. Во 27 минута Екбергер имаше двојна одбрана во иста акција на Тиквеш, па наместо на „плус 5“ за домаќините, резултаот беше 17-14. Имаа добра серија ракометарите на Кремс па го намалија резултатот на само два гола, 18-16 во последната минута.
Тргнаа ракометарите на Тиквеш во второто полувреме еуфорично, силно и најважно од се, прецизно. За девет минути играње повторно имаа предност од шест гола, и како да се чинеше дека конечно ќе го скршат отпорот на гостите. И пак следуваше пад во играта, не прецизност во нападот, дел промашувања, дел технички грешки а тоа брзите Австријци го казнуваа.
Од шест гола предност, резултатот дојде на само три во корист за Тиквеш (27-24). Кремс не се предаваше, а на Тиквеш му требаше последниот чекор за да се одлепи и да има помирна завршница. Пследните десет минути кога веќе требаше да се реше и победникот почнаа со предност на Тиквеш од 28-25.
Марјан Велков конечно „влезе во филм“, па со две одбранети топки во два напади ја запали и публиката на своите соиграчи и донесе нов ветер во грб. Она што тој го фати во своите раце во нападот го реализираа Обина и Мајиќ за ново водство од „плус 5“, 30-25, што беше причина гостите да бараа минута одмор.
Велков продолжи добро да брани, нападот да погодува па Тиквеш пак имаше „плус 6“ за водство 31-25 на 6 минути до крај на средбата. На секоја нереализирана шанса на Тиквеш гостите возвраќаа со гол, оставајќи простор за драма, но домаќините се радуваа на четири гола разлика со која патуваа за Австрија како залиха пред реваншот.
Во тимот на Тиквеш најефикаен беше Ани Обина со 10 гола, седум постигна Стахиња Симиќ, а пет Мирко Мајиќ. Кај гостите по пет гола дадоа Марко Симек, Тим Розман, Тобиас Аус и Кенан Хасесиќ.